НАСТАВНА ПРОГРАМА
Наставниот процес во ОУРС „Маца Ѓ. Овчарова“ се изведува во согласност со Наставниот план и програма на Министерство за образование на Р.С Македонија, Бирото за развој на образованието. Врз основа на овие планови и програми, наставниците – специјалните едукатори и рехабилитатори пред почетокот на учебната година изработуваат годишни и тематски планирања по сите наставни предмети како и за дополнителна настава и воннаставни активности.
Задолжителното образование според старосната возраст е поделено  во три периода и тоа: од I до III, од IV до VI и од VII до IX одделение. Наставата се реализира во две смени, во училници, а корективните третмани во логопедски кабинет, кабинет за сензорна стимулација и за психомоторна реедукација.
Во реализација на наставните содржини се работи поединечно со секој ученик со изготвување на поединечен образовен план, како и практична примена на стратегии и техники стекнати од обуките: „Со читање со водство“, „Јазична писменост во нижите одделенија“ и „Дигитални содржини и ИКТ“.
Од примена на дефектолошката теорија и практика се врши дијагностицирање по пат на разни стандардизирани тестови- Ганзберг и ICD-10, DSM-IV, CARS и нестандардизирани (поединечно изработени) тестови, за проверка на усвоеност на знаење и вештини кај учениците со попреченост .
Во наставата се применуваат современи техники и методи на работа со ученици со попреченост: метод на игра, откривачки метод, метод на решавање на проблеми, метод на драматизација, имитација, вежби за сетилни стимулации, за вестибуларен и проприорецептивен систем, активна и пасивна музикотерапија, грозд-пирамида, метод на мемориски картци, Т-табели, Огледало, експеримент, аквариум, театар на маса, метод на играње на улоги, метода на проектно работење, метод на демонстрација и набљудување, а за учениците со мултихендикеп и аутизам се применува АБА методата.
Исто така, се користи и информатичко – комуникациската технологија која се прилагодува според способностите на учениците, во соработка со родителите. Асистивните уреди и нагледни помагала наменети за учениците со посебни образовни потреби се користат во наставниот процес.
Покрај редовниот воспито-образовен процес, во рамките на дополнителната настава и часовите по физичко и здравствeно образование, наставниците –дефектолози,  реализраат стручни корективни третмани за сензорна стимулација и психомоторна реедукација.  Исто така треба да се истакнат редовните секојдневни физикални третмани и вежби на учениците со телесни деформитети,  кои стручно ги изведува негувателот-физиотерапевт во рамките на неговите работни задачи. Стручните соработници, во рамките на своите програмски активности, континуирано даваат поддршка на учениците со социо-емоционални потешкотии и влијаат врз подобрување на општата психофизичка состојба на учениците.
За вреднување на знаењата на учениците, се применува формативно и сумативно оценување зависно од периодот на полугодието со што се постигнува напредок во однос на постигнувањата на учениците согласно нивните можности и способности. Во училиштето се применуваат Евидентните листови за следење на развојот на учениците, изготвени од страна на БРО, а одбрени од МОН.
Училиштето располага со ресурси за престојните промени кои следуваат во согласност новиот Правилник и Закон за основно образование, кои се во корелација со нашата мисија и визија.

Сензорна просторија  
Во 2018 година е пуштена сензорна просторија за учениците со аутизам. Собата е комплетно опремена и една од најсовремените вакви во градот и земјава и со реквизитите кои за овие деца претставуваат релаксација и движење во нивниот свет. Опремена со најсовремени светлосни сигнали кои пријатно зрачат на децата им прават пријатни дразби и чувства.
Сензорната интеграција е невролошки процес кој претставува основа за перцепцијата на себе и другите, како и соодветни и ефикасни одговори на дразбите (адаптивни одговори). Освен основните сетила (вид, слух, вкус, мирис и допир), клучни се скриените сетила за рамнотежа т.е вестибуларно сетило и длабокото сетило т.е проприоцептивно сетило. Заедно со тактилното сетило, овие сетила се основа за здрав развој на детето.
Кабинетот за сензорна стимулација обезбедува релаксација, визуелна стимулација и долготрајност на вниманието. 
Сензорна просторија во вредност од четири илјади евра, материјално-технички опремена со донација од фирмата „Изгрев инжинеринг“ ДООЕЛ од Велес и Евангелска Црква во Р.С Македонија.
 
Ученички дом
Во состав на училиштето работи ученички дом формиран во учебната 1992/1993 година во кој се сместени екстерните ученици од Повардарскиот регион, со постојан престој од понеделник до петок и логопедски кабинет за деца со проблеми во говорот, во кој се опфатени ученици логопеди од училиштето и од редовните основни училишта во градот.