„Училиштето – втор дом за учениците“, успешна училишна приказна за ученикот Сулејман Елмазов!

Ученикот, Сулејман Елмазов од с.Бузалково, е лице со потешка телесна попреченост, комбинирани пречки и церебрална парализа. Во нашето училиште со ученички дом, своето школување и третман ги започна во учебната 2017/18г. Ученикот, тогаш, пристигна во инвалидска количка, без воспоставена контрола на сфинктери и развиени хигиенски навики и скоро и да не го познаваше македонскиот јазик.

Денес Сулејман успешно го заврши VI-то одделение. Со целосна едукативна поддршка и третман од специјалните едукатори и воспитувачите, како и континуираните вежби (вклучувајќи масажа на цело тело и вежби за одење) од страна на физиотерапевтите, ученикот разви хигиенски навики и воспостави целосна контрола на сфинктери, се движи со делумна поддршка и има подобрена вербална комуникација што е голем успех во неговата едукација, воспитание и социоемоционален развој.

Сулејман е најпрепознатлив по својата насмевка која секојденвно го краси неговото лице. Тој со задоволство учестувува во слободните ученички активности, разни работилници и други воннаставни активности. Ученик, кој секогаш зрачи со позитивна енергија која несебично ја дарува на своите другарчиња и сите вработени во училиштето.

Со својата позитивност и насмавка, Сулејман со големо задоволство ја исполни и резиденцијата на Претседателот на државата, г-н Стево Пендаровски, со кого се запозна и каде што беше гостин во 2021г.
 
Најголемото признание за постигнатиот успех со ученикот, е одличната соработка и почит искажана од родителите на ученикот. Таткото Даут истакнува: -Јас и сопругата одлучивме да го запишеме детето во Вашето училиште и секоја година се повеќе сме задоволни од оваа одлука, особено што ученикот е сместен во ученичкиот дом од понеделник до петок и со тоа добива комплетен третман за негово осамостојување. Сулејман е пресреќен кога ќе дојде такси возилото да го носи на училиште. Дома тој е посамостоен во одржување на личната хигиена и особено има напредок и подобрување во движењето. Како родители, многу сме среќни и задоволни што Сулејман од ден на ден се повеќе напредува“.

Нераскинлива е позитивната емотивна врска помеѓу учениците и вработените во училиштето, особено кога таа резултира со успех, напредок и постигнувања кај секој ученик. Затоа и оваа успешна училишна приказна за Сулејман при крајот на учебната 2022/23 година, ја заокруживме со еден „адет“ и многу среќни и насмеани лица. А најсреќен од сите беше токму тој, кој на вработените и другарчињата од училиштето им подели т.н. "постапалки". Неговиот труд и упорност што ги вложи за да може да застане и чекори како другите дечиња беше награден со огромен аплауз од сите присутни!

Продолжи лесно да чекориш Сулејман на патот кон зрелоста и иднината!

Галерија