Активности по повод 3-ти Декември меѓународниот ден на лицата со попреченост

По повод 3 Декември- Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ОУРЦ „Маца Ѓеорѓиева Овчарова“, во просториите на Europe House Veles организираше керамичка ликовна работилница на тема ''Екологија'' од инклузивен карактер за ученици со попречености од посебните основни училишта и ученици од редовните основни училишта во Велес.
 
Истовремено eвроамбасадорот Дејвид Гир оствари средба и со граѓанските здруженија на лица со посебни потреби: Мобилност-Велес, Мобилност-Кавадарци, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености-Велес , Порака-Неготино и Попи-Велес, дискутирајќи за предизвиците и потенцијалните решенија со кои тие се соочуваат.
 
Со успешно трасирање на патот на оваа значајна културно уметничка традиција, преку бројни креативни детски дела се обидовме да упатиме важна порака дека секој месец стоиме заедно за да ја препознаеме и славиме силата, издржливоста и уникатните таленти на лицата со попреченост.

Ученици од средното стручно училиште „Коле Неделковски" кои се сместени во ученичкиот дом Лазар Лазаревски-Велес, приготвија слатки задоволства кои ги вкусија нашите ученици.

На традиционалниот натпревар во „Пикадо 2023“ во спортски, навивачки дух, со многу возбуда и позитивни емоции, не само кај учениците туку и кај наставниците и образовните асистенти, успешно се реализира најомилениот спортско рекреативен настан. 
 
Сите сме различни на овој свет, а различностите го прават светот поубав...
Ден за подарени насмевки, ден за искрени прегратки и подадена рака.
Оваа година дечињата од Објект 3 Детелинки и учениците во ОУРЦ "Маца Овчарова" заедно ја испратија есента, другаруваа и се забавуваа.

Со многу љубов и посветеност беше организирана заедничка донаторска прослава од Ротари клуб Велес, Лајонс Клуб Велес и Ротари Клуб Велес Бели Мугри, која се одража на 01.12.2023 год во Хотел Глориус. Собраните средства се наменети за потреби на ОУРЦ" Маца Ѓ. Овчарова" од Велес.

Ученичкиот парламент од основното училиште „Блаже Конески" со своите изработки ги посети и остварија дружба со нашите ученици.
 
Да ги срушиме бариерите, да го поттикнеме разбирањето и да создадеме свет во кој блескаат сечии способности.

Галерија